ДРАМАТА ВО СРБИЈА ПРОДОЛЖУВА – Уапсен гимназијалец од Суботица: Најавувал масакар во градинка, истражувал бомби и барал масовни убијци…

Полицијата во Србија приведе малолетен ученик во средно училиште во Суботица по дојава од САД односно агенцијата ФБИ дека на Интернет пребарувал имиња на масовни убијци, истражувал како се прави бомба, а во разговор со училишниот психолог ученикот споменувал масакр во близина на градинка, објавија во вторникот белградските медиуми.

Уапсен е Д.У. од Бачка Топола, Војводина, ученик во гимназијата „Светозар Марковиќ“ во Суботица, на кој му е изречена забрана за напуштање на живеалиштето со обврска да носи ГПС уред на ногата.

Српските медиуми објавија дека тој се товари за сторено кривично дело – прикажување, набавување и поседување детска порнографија и искористување на малолетници за порнографија.

Весникот Blic.rs, пак, наведува дека ФБИ открило и препратило информации до српските власти дека малолетниот Д.У. правел нарачки на Интернет со имиња на масовни убијци и дека истражувал како се прави бомба.

Весникот додава дека во разговор со училишниот психолог ученикот рекол дека – „не му паднало на памет да направи масакр во училиштето, туку му паднало на памет да направи такво нешто во близина на градинката“.

Веб-порталот Subotica.com наведува дека судијата за малолетници во суд во Суботица му изрекол 30-дневна забрана за напуштање на живеалиштето, иако јавниот обвинител предложил да му биде одреден притвор.

Српските медиуми јавуваат дека по масовното пукање во Врачар, Белград, кога ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби осум врсници и училишен чувар, како и по масакрот во Младеновац, кога Урош Б. (21 г.) уби осум луѓе, се почести се акциите на МВР на Србија за спречување на идни вакви трагедии.

Според досегашните сознанија од акциите на МВР на Србија, пренесува Blic.rs, поединци, често и деца, го величат масакрот и најавуваат дека ќе ги направат истите монструозни злосторства. За само пет дена полицијата приведе десетици малолетници поради многу опасни закани кои ги упатуваат јавно најчесто преку социјалните мрежи.