Турција ги претставила мерките: Вака земјата ќе се бори против високата инфлација

Потпретседателот на Турција Џевдет Јилмаз и министерот за финансии на земјата Мехмет Шимшек ги претставија мерките за штедење кои треба да ја зголемат ефикасноста во турскиот јавен сектор и да помогнат во борбата против високата инфлација.

„Ќе го поддржиме намалувањето на инфлацијата преку штедење и контрола на трошењето во јавниот сектор“, рече Шимшек, нагласувајќи дека приоритет на Владата е намалување на годишната стапка на инфлација која во април достигна речиси 70 отсто.

Според турскиот весник „Хуриет“, купувањето и изнајмувањето нови возила од јавните институции е суспендирано на три години, освен за одбранбени и безбедносни цели.

Набавката и изградбата на нови згради ќе бидат прекинати на три години, освен за загрозени од земјотреси, а нема да се дозволи ниту издавање на нови згради, додаде министерот.

Шимшек изјави дека ќе има ограничувања за плаќањата на државните службеници во одборите на компаниите.

„Во јавниот сектор ќе вработиме онолку нови кадри колку што има пензионери за три години. Нашата цел е со текот на времето да го намалиме бројот на помошниот персонал. Понатамошно ќе развиваме флексибилни модели за работа на далечина во јавниот сектор“, нагласи Министерот за финансии на Турција.

Тој предупреди дека сите јавни институции во Турција и нивниот персонал ќе мора да ги почитуваат мерките за штедење и посочи дека ќе се примени „многу силен модел на мониторинг, надзор и санкции“.