ДРАМАТА ОКОЛУ УБИСТВОТО НА 29-ГОДИШНИОТ НАВИВАЧ НА АЕК ПРЕД ГОЛЕМА ПРЕСВРТНИЦА – Грчките медиуми неофицијално објавија: “Главен осомничен за убиството е Грк, навивач на Панатинаикос“

Грчките медиуми објавија дека меѓу навивачите уапсени за хулиганскиот конфликт во Атина е и убиецот на 29-годишниот навивач на АЕК, Михалис Кацурис.

Наводно, тој е Грк, навивач на Панатинаикос, кој на полицијата и бил познат по хулиганството. Како што пишува веб-порталот SDA, се работи за човек кој одлежал затворска казна, а во последните шест месеци е на условен отпуст.

Информацијата се уште не е официјално потврдена, а полицијата на осомничениот му ги зела отпечатоците од прсти и ДНК.

Како што пренесува спортската медиумска агенција sport24, со досега извршеното вештачење е утврдено дека причина за смртта на 29-годишниот маж е неконтролирано крварење од длабока рана на подлактицата.

Според достапните информации, на други делови од телото на 29-годишниот не биле констатирани повреди. Проценките покажуваат дека раната била нанесена со нож, додека младиот човек се обидувал да се одбрани.

Грчките медиуми пишуваат дека во фокусот на грчката полиција се 13 уапсени лица со криминално минато, меѓу кои би можело да биде и убиецот. Меѓу нив има девет хрватски хулигани, еден Албанец и тројца Грци.

Кај 22-годишен Албанец бил пронајден и нож на склопување.

Што се однесува до тројцата Грци, медиумите пишуваат дека се работи за навивачи на Панатинаикос, со тоа што двајца се уапсени, а третиот е во бегство. Но и неговото име е во досието.

Во петок тројца грчки истражители ќе почнат со сослушување на обвинетите во случајот со навивачките немири во кои ноќта кон вторник беше убиен 29-годишниот навивач на АЕК, Михалис Кацурис, а медиумските агенции јавуваат дека Грк е осомничен за убиството.

Рочиштето, по истекот на роковите што ги добија обвинетите синоќа да се запознаат со досието и да ја подготват својата одбрана, треба да започне во петок напладне, а се очекува да заврши во недела. Сослушувањата треба да се водат во групи од 10-12 лица со секој истражувач.

Грчкото Јавно обвинителство во средата поднесе кривична пријава против 104 лица, од кои повеќето се хрватски државјани, кои ги товари за четири кривични дела и седум прекршоци за време на крвавата пресметка во областа Неа Филаделфија во Атина.

Кривичните дела со кои се соочуваат обвинетите се убиство со умисла, учество во злосторничка организација, експлозија и поседување распрскувачки материи.

Делата за кои се товарат се нарушување на мирот, сторена и обид за опасна телесна повреда, оштетување на туѓ имот, поткуп, недозволено носење оружје, употреба на оружје и поседување ракети.