ДРАМАТИЧНА ПОРАКА ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА ДО СРБИЈА – “Ден на жалост ?! Тие терористи ќе одговараат пред лицето на правдата!“
Европската унија инсистира дека она што се случи на северот на Косово во неделата е „грозоморен терористички напад“ и дека треба да се третира и истражува како таков.
„ЕУ е против глорификација на криминалци или терористи“.
Ова го повтори Петер Стано, портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, во врска со изјавите кои доаѓаат од Србија дека убиените напаѓачи „не биле терористи, туку се бореле против теророт“, кои во средата во Србија добија ден на жалост од страна на властите.
„Дозволете ми да го повторам многу, многу јасно ставот на Европската унија за она што се случи во неделата. Тоа беше терористички напад и треба да се истражи како терористички напад. Тие што се одговорни за ова треба да одговараат пред лицето на правдата. Правдата мора да биде задоволена и оние кои го планирале, извршиле и стојат зад овој напад мора да одговараат. Тоа е многу јасно“, изјави портпаролот на Европската унија.
Тој вели дека ЕУ го чека крајот на истрагата и јасна слика за тоа што се случило за соодветно да ги донесе потребните одлуки.
Многу земји од Европската унија побараа санкции против Србија доколку се утврди поврзаноста на Србија со овие терористички напади и испраќањето на големо количество оружје пронајдено во и околу српскиот манастир, каде што се засолниле напаѓачите.
Дипломатите во ЕУ сметаат дека Србија со прогласувањето ден на жалост за убиените членови на вооружената група која ја нападна косовската полиција, која ЕУ ја означи како терористички напад, јасно стави до знаење дека не сака да се огради од таквите напади.
Портпаролот на Европската унија, Петер Стано кажа дека терористите и жртвите на терористичките напади не треба да се поистоветуваат, дека ЕУ му оддала почит на косовски полицаец убиен во терористички напад, но се спротивстави на Србија да прогласи ден на жалост за убиените напаѓачи.
„Видовме дека Србија прогласи ден на жалост. Во понеделникот, канцеларијата на ЕУ во Приштина го спушти своето знаме на половина копје во чест на убиениот и ранетиот косовски полицаец, жртви на грозоморниот терористички напад. Напаѓачите никогаш не треба да се поистоветуваат со жртви. Затоа, делегацијата на ЕУ во Белград во средата не го спушти знамето на половина копје“, изјави портпаролот на ЕУ.
Тој додаде дека ЕУ генерално темелно се спротивставува на глорификацијата на криминалците и терористите и на нивното жалење.