Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Филип Тосевски, во просториите на МНР го примил лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, потврди за МИА, Стерјовски.
За средбата објави и Тосевски на Фејсбук.
-Одлична средба и тричасовна размена на мислења за македонските работи и за предизвиците на нашите браќа и сестри од македонската заедница во Албанија со Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција – единствената партија на македонската заедница во соседна и пријателска Албанија, наведува тој во објавата.
Додава дека разговарале, во периодот што претстои, да ја интензивираат меѓусебната соработка.
– Разговаравме за интензивирање на меѓусебната поддршка, соработка и заложбата за Македонците од двете страни на границата и за подобро утре на сите граѓани во Северна Македонија и Албанија. За заедничка иднина во рамки на големото европско семејство- Европската Унија, посочува Тосевски.
Според Стерјовски, кој е и претседател на македонското друштво “Сонце”, соговорникот го информирал и за активностите на друштвото, како и за другите планирани активности на Македонците.
Неодамна, Тосевски оствари средба и со претседателот на македонското друштво “Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.
-Мојот почитуван соговорник меѓу другото покажа исклучителен интерес за положбата на Македонците во Албанија и во опсегот на неговите надлежности искажа подготвеност да помогне за подобрување на малцинските права на Македонците во Албанија, рече Ѓурѓај.
Тој, како главен и одговорен уредник на весникот „Илинден” донирал за министерството комплет од сите изданија на весникот.