ДУИ бара градоначалникот Касами да каже каде завршиле 25 милиони денари наменети за платите на работниците на ЈКП „Тетово“

 Советничката група на Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска одржа прес-конференција од која побара одговорност од градоначалникот Биљал Касами за дадени општински пари за Јавното комунално претпријатие „Тетово“, а работниците повторно се соочуваат со неисплатени плати.

Тие на прес-конференцијата потсетија дека пред една година на вонредна седница на Советот на општината, ЈКП „Тетово“ му се доделени 25 милиони денари, со цел на работниците да им се исплатат 3-те плати кои претпријатието им ги должи.

– На таа седница побаравме доказ дека овие средства ќе одат кај работниците, но градоначалникот категорично одби да даде каков било доказ на Советот на општината. Денес и по една година работниците на ЈКП се заборавени и 3 месеци се без плати и без здравствено осигурување, затоа бараме градоначалникот на општината наместо да шета низ Европа, да излезе и да преземе одговорност за грешката состојба на работниците и да каже каде завршиле 25 милиони денари наменети за платите на работниците на ЈКП бидејќи тој самиот неколку пати доаѓаше овде им ветуваше дека ке им ги подобри условите за работа и ќе им ги исплати платите. Сега испаѓа дека овие работници кои вршат чесна работа во нашето општество, биле искористени само за кампања, а потоа се забораваат и најлошо е што се трошат средства од општинскиот буџет во име на овие работници, средства кои не одат таму за каде што се наменети, истакна Ветон Мурати во име на советничката група.

Прес-конференцијата се одржа пред работната единица „Комунална хигиена“ при ЈКП „Тетово“ при што еден од работниците побара да даде изјава за медиумите за неисплатените плати.

– Не сме задоволни од ниедна партија. Беше ДПА, сега Беса. Од кога сум на работа 25 години не сум задоволен никако од партиите. Четири плати ни должеа, сега ни дадоа една плата за осмиот месец. За деветти, десетти и единаесетти месец нема сè уште. Немаме здравствено осигурување, плаќаме приватно се и за лекување во болница. Не ми прават интервенција на трансфузиологија бидејќи немам осигурување, лекови за аритмија ги земам приватно. Син ми работи во фабрика, но жена ми и јас сме без осигурување. Таа е осигурана на мене, мораше да плати 2000 денари за лекови кои би требало да ги платиме 500 денари. Зедовме плата, дадовме за сметки, а каде е каде е јадење, каде се трошоци за дома, изјави Музафер Беџети.

Работниците во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ – работната единицата „Комунална хигиена“ на 28 ноември почнаа штрајк поради неисплатени повеќе плати. Тие продолжија со работи по три дена кога добија една плата и ветување дека ќе има уште две до 15 декември.

Општина Тетово информираше дека ќе обезбедат исплата на заостанатите плати, а според нив, формирањето на две нови комунални претпријатија и соработката со словенечката фирма преку јавно-приватно партнерство е начинот на кој ќе се обезбеди трајно решение за редовна исплата на личните доходи и придонесите.