ДУИ: Државниот пазарен инспекторат го отстрани албанскиот јазик од службена употреба

Демократската унија за интеграција реагира бидејќи, како што велат, друга државна институција го отстранила албанскиот јазик од службена употреба.

Од ДУИ информираат дека албанскиот јазик повеќе не се почитува ниту од Државниот пазарен инспекторат.

Целосна реакција:

„Денеска ви претставуваме уште една неприфатлива постапка на државна институција – Државниот пазарен инспекторат го отстрани албанскиот јазик од службена употреба!

Во неговите нови документи, албанскиот јазик е целосно избришан, со што се нарушува секоја законска и уставна норма која гарантира употреба на два официјални јазици.

Оваа постапка не е техничка грешка – тоа е однапред смислен чин и флагрантно кршење на јазичната еднаквост.

Ова не е прв случај и, за жал, нема да биде последен.

Ова е систематски обид за деградирање на политичко-правниот статус на Албанците, постигнат со Охридскиот договор.

Оние кои молчат пред оваа неправда се виновни исто како и оние кои ја спроведуваат оваа дискриминаторска политика.

Нема да молчиме! Албанците жестоко ќе реагираат за еднаквост, правда и заштита на институционалното достоинство!

ВРЕДИ станаа инструмент за сквернавење на вредностите на еднаквоста и правдата.

Народот и историјата ќе им ја доделат казната што ја заслужуваат.

Овој режим прогласи отворен напад врз правата на Албанците и по секоја цена се обидува да ги поништи нашите историски достигнувања.

Нема да помине обид да нè направат граѓани од втор ред.

За еднаквоста не се преговара – тоа е неотуѓиво право и ќе биде заштитено“ – велат од ДУИ.