ДУИ за трагедијата во Кочани: Агенцијата Рубикон, синоним за институционално прикривање

Демократската унија за интеграција преку соопштение за медиумите нагласува дека на протестот што го организираа семејствата на младите кои трагично ги загубија животите во Кочани пред два дена, изнесени се шокантни информации кои засега не се демантирани или образложени од надлежните институции.

Според ДУИ, родителите на жртвите јавно поставуваат прашања за улогата на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и Министерството за внатрешни работи.

„Овие прашања го ставаат Министерството за внатрешни работи во центарот на одговорноста. Затоа, Демократската унија за интеграција упатува директни прашања до надлежните институции, за кои јавното мислење сè уште чека одговори: Дали „Рубикон“ ималa валидна лиценца за работа како агенција за обезбедување?

„Дали некогаш бил предмет на увид? Кој го извршил увидот и со какви резултати? Зошто полицијата не реагирала, иако во објектот – под обезбедување на „Рубикон“ – по полноќ имало малолетници, слободна продажба и консумирање алкохол, употреба на пиротехнички средства и нарушување на јавниот ред?”

Од партијата на Ахмети бараат и итна, детална и транспарентна истрага за улогата на агенцијата „Рубикон“ во трагедијата, нејзините врски со државните институции и неуспехот на МВР да постапи адекватно.