ДУИ: Мицкоски да престане со заканите

Од ДУИ преку соопштение реагираат на изјавите на Христијан Мицкоски од каде велат дека премиерот треба да престане со заканите и неговата раздорна и потпалувачка реторика.

„Премиерот повторно јавно се закани на политичката активност на политичките партии, злоупотребувајќи ги државните институции за да ги потисне политичките и етничките гласови на незадоволство, со цел ширење страв преку државни инструменти. Овие техники, користени во најтемните периоди на комунизмот, ќе пропаднат. Албанците израснаа под такви закани од полицијата и државниот апарат низ вековите, кои беа насочени кон сузбивање на политичкиот активизам. Но, историјата покажа дека овие напори никогаш не ја спречија нашата волја за правда и еднаквост. Сите аргументи упатуваат на насоката дека нашите грижи за Јазикот се реални и засновани на факти. Затоа, постои широка мобилизација, преку партиски линии, за да се спречат напорите кои и штетат на иднината на државата. Го повикуваме премиерот да престане со заканите и раздорната и потпалувачка реторика. Не можете да заплашите никого, а уште помалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост“ – стои во соопштението на ДУИ.