Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции, досега се создадени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес изјави дека преку мерката за зелени инвестиции досега се создадени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега, 228 компании инвестирале во зелени решенија – фотоволтаични панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите инвестирале над 200 милиони денари од сопствени средства, што е повеќе од државна поддршка. Ова покажува дека политиката на владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и зелена економија“, нагласи Дурмиши.
Финансиската поддршка за ново работно место се зголеми од 205 илјади денари во 2022 година на 250 илјади денари во 2024 година, додека вкупниот буџет за мерката достигна 93 милиони денари (околу 1,5 милиони евра).
Министерството информира дека за 2025 година, целта е да се поддржат најмалку 200 нови работни места во максимум 200 компании, со можност за поддршка до 750 илјади денари по компанија.