ЕБОР разгледува можност за заем од 175 милиони евра за Северна Македонија за доизградба на пругата кон Бугарија

 Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) соопшти дека се разгледува можноста за одобрување државен заем од 175 милиони евра на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на Северна Македонија за доизградба на дел од европскиот железнички Коридор VIII.

Средствата ќе бидат наменети за завршување на последната делница од железницата на источниот крај на Коридор VIII. 

Со заемот ќе се финансираат изградбата, сигнализацијата и телекомуникациите од Крива Паланка до бугарската граница во вкупна должина од 23,4 километри и електрификацијата на целокупната источна железничка пруга вклучувајќи ги делниците 1, 2 и 3 во вкупна должина од 88 километри.

Коридорот VIII е составен дел на една од петте нови Транснационални европски транспортни оски („TEN-T“), исток – запад од Црното до Јадранското Море. 

-Со финансирање на изградбата на третиот преостанат дел, ќе се воспостави првото поврзување на македонскиот железнички транспорт со бугарската железничка мрежа, ќе се олесни меѓународното/транзитното движење на стоки и луѓе, особено со соседните земји на ЕУ и Турција, ќе се придонесе за префрлување на сообраќајот од патен на железнички транспорт преку подобрување на конкурентноста на железничкиот сектор. Проектот ќе ја зголеми и безбедноста и сигурноста во сообраќајот и за патниците и за товарот, ќе понуди можности за развој на бизнисот во близина на железничката пруга и станиците и ќе ги подобри еколошките услови во населените места и регионите опфатени со проектот, се наведува во соопштенито од ЕБРД.