ЕВН: Дефектите во Слупчан и Оризаре нема да се санираат додека не се создадат услови за работа

Без напојување со електрична енергија се уште се селата Слупчан и Оризаре во општина Ликова, соопшти денеска ЕВН. Од компанијата велат дека додека не се создадат нормални услови за работа и не се гарантира безбедноста на вработените во Електродистрибуција, тие нема да работат на санирање на дефекти или вршење на редовни работни активности во овие села.

Како што велат, екипи на Електродистрибуција цела ноќ работеле на дефектите, со што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија на селата Ваксинца, Алешевц, Руница, Извор и Беланоц.

„Во текот на ноќта е предизвикан нов дефект и тоа од жителите на Слупчан, кои ги оставија селата Матеч, Виштица и Никуштак без струја. Овој дефект е саниран и нормализирано е снабдувањето и во овие села. Дефектот на граничниот премин Табаноц вчера за кратко е саниран“, велат од претпријатието.

Жителите на Слупчан синоќа го блокираа патот во селото и не дозволија екипи на ЕВН да работат на мрежата. Тие испратија неколку барања до ЕВН да им се овозможи да работат на поправање на грешките, кои можете да ги погледнете во продолжение.