Евроамбасадорот Дејвид Гир порачува: “За да се променат нештата во државата, треба политичките интереси да се стават настрана“

За да се променат нештата, треба политичките интереси да се стават настрана, а фокусот да биде на националните интереси“, порача денеска евроамбасадорот Дејвид Гир на форумот „ЕУРОПЕУМ 2023 – 20 години од Самитот во Солум: Патот пред нас“.

Во тој контекст прашањето за уставни измени, што е суверена одлука на оваа земја, е важен чекор што треба да се преземе, што автоматски ќе води до втората меѓувладина конференција“, вели Гир.

Според него, многу е важно да има отворена дебата за оваа прашање и кои се интересите на земјата.

Ги повика политичките партии да ги надминат поделбите и да се обединат околу прашањето за влез во ЕУ и да го направат национален проект.

Гир се наврати и на самитот во Солун пред 20 години кога Унијата имаше само 15 земји-членки. Посочи дека од тогаш до денес има постигнато огромен напредок во Западен Балкан.

Во изминатите 20 години пристапувањето на земјата во ЕУ беше блокирано како резултат на три вета, посочи Гир, со што кредибилитетот на ЕУ беше сериозно нарушен и разбирливо е што луѓето се фрустрирани. 

Но, исто така има и одговорности од страна на партнерите во регионот. ЕУ не е главен одговорен за нивните неуспеси во спроведување на реформите, но и за прашања како борбата против корупцијата и владеењето на правото, вели евроамбасадорот. Не треба да се негира напредокот, но исто така треба да се разговара и за одговорноста.

Повтори дека проширувањето на Унијата е во нејзин интерес бидејќи таа има потреба од безбедност, стабилност, просперитет и демократски развој.

Според вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, клучната порака е дека Западен Балкан може да стане дел од Европската Унија, но само доколку бидат вложени големи напори за постигнување на европските стандарди, демократијата и човековите права.

Треба да бидеме доволно искрени, не само критични, и да кажеме дека темата регионална соработка и билатерални прашања меѓу државите од Западен Балкан со државите членки на ЕУ се предизвик 20 години до ден денес. Проблемот е што веројатно не доволно сериозно и искрено тогаш пред 20 години сме пристапиле кон овие предизвици, се додека не дораснале до мерка на блокади или до ниво на вето“, додаде вицепремиерот.

Маричиќ потенцираше дека Самитот во Солун потврдил оти ЕУ има перцепција кон нашиот регион како целина, но, во исто време дава шанса секоја држава да биде индивидуално наградена за напредокот.

Тој е на ставот дека дваесет години по Солунскиот Самит, земјите од регионот се движат со различни брзини.

Хрватска е членка веќе десет години, а Црна Гора и Србија се во преговори за членство од 2012, односно 2014 година поинтензивно.  Босна и Херцеговина доби кандидатски статус минатата година, Косово се уште е потенцијален кандидат за членство и и оваа година се стекна со можноста за визна либерализација, а Северна Македонија и Албанија ги почнаа формално преговорите на 19. јули минатата година и сега се во фаза на скрининг каде се очекува, по завршување на обврските од скринингот и уставните амандмани за нас, да преминеме во наредната фаза на отворање на кластерот 1“, додаде Маричиќ.

Според потпретседателката на Партијата на европските социјалисти и поранешен функционер, Радмила Шекеринска, блокирањето на уставните измени ќе ја пресели вината на македонски терен. Не смееме, вели таа, да си дозволиме автоимуна болест.

Автоимуна болест е болест што практично твојот организам го тера да те уништува одвнатре. Значи блокирањето на уставните измени само ќе ја пресели засекогаш вината која не е кај нас, ама ќе дојде кај нас, на македонски терен. И посакувам да се создаде мнозинство за уставни измени затоа што во суштина, Северна Македонија беше таа што пред извесно време даде предлог до бугарската страна да влезат Бугарите во Уставот, во преамбулата. Бугарските националисти го одбија, затоа што сметаа дека со ваква измена на Уставот, ќе се покаже дека Бугарите и Македонците се два различни народа. Јас тоа така го гледам. Затоа бугарските националисти пред неколку години тоа го одбија. Може да водиме дискусија зошто го смениле мислењето, не е ни битно. Битно е дека во суштина, оваа промена на еден многу либерален Устав кој е многу широк за различни етнички заедници што е плус за нас, треба да ја направиме“, кажа Шекеринска, додавајќи дека ни треба политички јавен договор бидејќи политичките партии во државата немаат меѓусебна доверба.