Еврокомесарот Схинас: На ЕУ ѝ „истекува времето“ за миграциските реформи

– Европската комисија денес предупреди дека на Блокот му „истекува времето“ за реформи во миграциската политика и ги повика членките и пратениците на Европската Унија (ЕУ) да дадат зелено светло за новиот пакт на ЕУ за миграција и азил.

Говорејќи на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Франција, потпретседателот на Европската комисија задолжен за пактот за миграција и азил, Маргаритис Схинас, истакна дека „историјата ја набљудува“ Европската Унија.

Тој ги повика пратениците и европските престолнини да го одобрат новиот пакт пред парламентарните избори на ЕУ следната година.

Доколку ЕУ не успее да се договори за реформата што е подготвена од 2016 година, „ќе додадеме масло на лажните тврдења на непријателите на демократијата, од руската дезинформација дека Европа не е способна да управува со миграцијата“, нагласи Схинас.

Според еврокомесарот, дупките во миграциската политика на Блокот се „веројатно најголемиот фактор на привлекување на шверцерите на луѓе и нерегуларната миграција“.

Тој исто така нагласи дека ЕУ плаќа цена што нема единствена политика.

Правниот пакет, меѓу другото, воспоставува заедничка гранична процедура на ЕУ со брзи проверки за да се утврди дали мигрантите се подобни за меѓународна заштита пред да влезат во Блокот и ги забрзува процедурите за враќање на оние чие барање е одбиено.

Исто така, наметнува задолжителна солидарност која ги обврзува земјите членки на ЕУ да примат баратели на азил доколку некоја земја од ЕУ се најде под силен миграциски притисок.

Пактот, исто така, се фокусира на воспоставување партнерства со земјите на потекло и транзит.

Амбасадорите на ЕУ денес разговараа за таканаречените „кризни мерки“, најконтроверзниот дел од пакетот.

Минатата недела се очекуваше земјите членки на ЕУ да постигнат договор, но договорот пропадна поради несогласувањето меѓу Германија и Италија.