Европа ги намалува сметките за струја и ја прекинува зависноста од Русија: Ова е план што ќе заштеди 260 милијарди евра
Европскиот акционен план за достапна енергија ќе донесе заштеда од 45 милијарди евра во првата година од спроведувањето, додека до 2040 година таа сума ќе достигне дури 260 милијарди, изјави европскиот комесар за енергетика и домување Ден Јоргенсен.
– Ова ќе му овозможи на просечното европско семејство да заштеди над 200 евра годишно – рече Јоргенсен во интервју за Европската мрежа за вести (ENR), заеднички проект на дваесетина европски новински агенции, меѓу кои и Хина.
Руската енергија и европската зависност
Високите цени на енергијата сериозно ја загрозуваат конкурентноста на европската економија, е еден од заклучоците од извештајот што за Европската комисија го подготви поранешниот италијански премиер и поранешен претседател на Европската централна банка, Марио Драги.
Европската унија интензивно работи на намалување на зависноста од руските фосилни горива од почетокот на рускиот напад врз Украина, но тоа сепак не е доволно, нагласи Јоргенсен.
– Можеме да кажеме дека постигнавме успех – во 2022 година 45 отсто од нашиот гас доаѓаше од Русија, а сега тој удел падна на 13 отсто. Меѓутоа, во тој период потрошивме повеќе пари за купување на руска енергија отколку што дадовме за помош на Украина – рече комесарот.
Тој додаде дека ЕУ на тој начин „индиректно му ги полни воените ковчези на Путин“ и дека мора да стори уште повеќе за да стане целосно независна од руските фосилни горива. Иако не можеше да прецизира кога ЕУ целосно ќе ја прекине енергетската зависност од Москва, Јоргенсен најави презентација на „патоказ“ кој ќе покаже како тоа да се постигне без зголемување на цените за граѓаните и економијата.
Инвестиции во обновливи извори и забрзување на дозволите
За да се постигнат овие цели, ЕУ ќе треба значително да инвестира во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и модернизација на преносната мрежа.
Голем проблем е бирократијата, бидејќи дозволите за нови проекти за обновлива енергија или проширување на мрежата траат меѓу пет и десет години, а во некои случаи и подолго.
– Тоа е предолго и неприфатливо. Нашата цел не е да ги скратиме тие рокови за 10 или 20 проценти, туку да поставиме правило – ниту еден процес не смее да трае подолго од шест месеци, освен во случај на многу сложени проекти, каде што може да трае најмногу две години – посочи Јоргенсен.
Улогата на нуклеарната енергија
Комесарот додаде дека нуклеарната енергија ќе остане дел од европскиот енергетски микс, но дека не се очекува нејзино проширување. Во моментов, нуклеарните централи произведуваат 99 гигавати (GW) енергија, а проценките се дека оваа бројка ќе падне на 88 GW до 2040 година, а потоа повторно ќе се зголеми на околу 100 GW до средината на векот.
„Значи, ќе останеме повеќе или помалку на исто ниво како денес“, рече Јоргенсен, додавајќи дека потенцијалните промени би можеле да донесат малите модуларни нуклеарни централи и технологиите од четвртата генерација.
– Доколку се докаже дека се доволно безбедни и исплатливи, дури и земјите кои во моментов се против нуклеарната енергија би можеле да го променат својот став – заклучи еврокомесарот.