Европа се соочува со клучни недели и месеци – вели германскиот Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави во четвртокот дека сака брзо решавање на трговскиот спор меѓу Европската Унија и САД.
„Европа се соочува со одлучувачки недели и месеци“, рече Мерц, пристигнувајќи на својот прв самит на ЕУ во Брисел откако ја презеде функцијата во мај.
„Ја поддржувам Европската комисија во сите нејзини напори за брзо постигнување трговски договор со САД“, рече тој, пишуваат странските медиуми, според Телеграф.
Брисел и Вашингтон се во конфликт откако американскиот претседател Доналд Трамп првично воведе високи увозни царини за многу земји, вклучително и за членките на ЕУ, пред да ги суспендира мерките 90 дена.
Оваа суспензија завршува на 9 јули.
Во меѓувреме, претставниците на трговската комисија на ЕУ моментално се во преговори со своите колеги во Вашингтон, обидувајќи се да најдат договор пред крајниот рок.
Други итни прашања на дневен ред, според Мерц, се финализирањето на трговскиот договор ЕУ-Меркосур со јужноамериканските земји Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај, како и конкурентноста на европската индустрија.