Европа: Уапсени околу 100 членови и поддржувачи на мафијата во шест земји

Десетици луѓе се уапсени во серија координирани рации низ Европа насочени кон криминалната организација „Ндрангета“, објавија германските медиуми.

Стотици полицајци учествуваа во големата операција во шест земји од Европската Унија (ЕУ), меѓу кои и Германија, Италија, Франција и Белгија, објави државната телевизија АРД, повикувајќи се на безбедносни извори.

Според изворите, операцијата со кодно име „Еурека“ е најголемата меѓународна полициска операција досега насочена кон мафијашката група „Ндрангета“ со седиште во јужна Италија.

Полицијата досега уапсила околу 100 членови на мафијата и нивни поддржувачи кои се занимавале со трговија со дрога, нелегална трговија со оружје и перење пари.

Се верува дека мафијашката група „Ндрангета“ шверцувала големи количини кокаин од Јужна Америка во Европа, главно користејќи големи комерцијални контејнерски пристаништа во Белгија и Холандија.

Според податоците на истражителите, мрежата за перење пари на групата главно оперирала од Германија, Белгија и Португалија, а инвестирала во ресторани и недвижен имот во неколку земји.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН