Членовите на Европскиот парламент ја критикуваат Анкара дека не ги ограничува руските медиуми во услови на војна во Украина, додека ја охрабрува руско-турската трговија, ги поздравува руските граѓани и не се приклучува на санкциите против Москва. Објавувањето на антитурски необврзувачки извештаи не е невообичаено за Европскиот парламент, велат експертите.
Министерството за надворешни работи на Турција го осуди последниот годишен извештај на Европскиот парламент за Турција, бидејќи документот, меѓу другото, ја критикуваше Анкара за нејзините блиски врски со Русија.
„Од суштинско значење е Турција да остане ангажирана со ЕУ, исто така и за спроведување на санкциите против Русија, особено во однос на санкционираните производи“ вели еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Во исто време, во извештајот се изразува загриженост за значителниот пад на усогласувањето на Турција со надворешната и одбранбената политика на ЕУ, која падна на само 7 проценти во 2021 година.
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција се вели дека извештајот е „збирка на неосновани обвинувања и предрасуди“ и дека покажува оти неговите членки не успеваат да развијат вистински стратешки пристап кон ЕУ.
Признавајќи ја конструктивната улога на Турција во олеснувањето на преговорите меѓу Украина и Русија, во извештајот конкретно се обвинува Анкара дека – „не ја ограничува работата на руските медиуми во контекст на руската војна против Украина“.
„Само би рекол дека Европскиот парламент особено има навика да издава антитурски извештаи, кои во Турција не се сфаќаат сериозно“, изјавил за Хасан Унал, професор по политички науки и меѓународни односи на Универзитетот „Баскент“ во Анкара.
Тој го опиша извештајот како „само уште еден бирократски труд што ги полни полиците на Европскиот парламент“, и кој само придонесува кон фактот дека ЕП во Турција треба да се третира како многу „непријателска институција“.