– Европската Унија (ЕУ) денес ѝ понуди помош на Либија, каде што најмалку 3.000 луѓе загинаа во катастрофалните поплави по бурата Даниел.
„Потресни слики од Либија по смртта и уништувањето предизвикани од поплавите, особено на истокот на земјата“, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, на платформата Х.
Тој го изрази сочувството на Европската Унија до либискиот народ и до семејствата на жртвите.
„Европската Унија е подготвена да им помогне на погодените од оваа несреќа“, додаде Мишел.
Лидерите на Франција и Италија, Емануел Макрон и Џорџа Мелони, исто така, изразија солидарност со либискиот народ, велејќи дека тие мобилизирале ресурси за да им помогнат на луѓето во северноафриканската земја.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека неговата влада „внимателно ги следи последиците од поплавите во Либија“, додавајќи дека Италија е во контакт со либиските власти.
Бурата Даниел во неделата зафати неколку области во источна Либија – градовите Бенгази, Ал Бајда и Ал Марџ, како и Суза и Дерна.
Бројот на загинати во поплавите во Дерна надмина 3.000, а се верува дека 10.000 лица се водат како исчезнати.
Шефот на либиската Влада со седиште во Триполи, Абдул Хамид Дбеибе, ги прогласи сите области погодени од невремето и поплавите за „зони на катастрофа“.
Либиските власти прогласија вонредна состојба во земјата. Наставата во сите државни и приватни образовни институции е прекината и побарана е меѓународна поддршка.