Европски комитет: Грчкиот премиер е одговорен за скандалот со прислушкувањето

– Комитетот ПЕГА на Европскиот парламент, кој ја истражува употребата на шпионски софтвери во неговите земји членки, изјави дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис е одговорен за скандалот со прислушкување што ја потресе политичката сцена во земјата минатото лето.

На прашањето дали гледа поврзаност со употребата на шпионскиот софтвер „Предатор“ за следење на истакнати политичари, новинари и други јавни личности во земјата, известувачката на Комитетот, Софи Ин’т Велд, рече: „Она што сигурно го знаеме е дека штом неговата Владата ја презеде власта, законот беше променет и ЕЈП (Националната разузнавачка служба на Грција) беше под директна одговорност на премиерот.“

„Или знаел, тогаш имаме многу сериозен проблем, или не знаел кога требало да знае, што е исто така сериозен проблем“, додаде таа.

Велд рече дека некои докази покажуваат дека израелскиот шпионски софтвер „Предатор“ бил извезен од администрацијата на кипарските Грци во Судан, каде што владеат судири меѓу две страни, преку лиценца издадена од Грција.

„Европската комисија има обврска да истражува и да истрае во добивањето на сите информации“, додаде таа.

Скандалот со прислушување

На 8 август 2022 година, Мицотакис призна дека опозицискиот политичар Никос Андрулакис бил прислушуван од грчката разузнавачка служба, но негираше дека знаел за операцијата.

Скандалот првпат се појави на 4 август, кога Панајотис Контолеон, тогашниот шеф на ЕЈП, изјави пред парламентарната комисија дека разузнавачката агенција го шпионирала финансискиот новинар Танасис Кукакис.

Контолеон на 5 август заедно со генералниот секретар на Кабинетот на премиерот, Григорис Димитријадис, поднесоа оставки.