Еден час работа во Македонија се плаќа 3,65 евра, во Луксембург 53,9 евра

Еден час работа во Македонија вреди двојно помалку од најнискиот во ЕУ, пишува Блумберг. Најниската добивка за еден час работа во земјава, со последното зголемување на минималната плата, изнесува 128 денари. Со минатогодишната минимална плата, која важеше до минатиот месец, саатницата беше помала за близу 14 денари.

Со зголемувањето на платите, трендот на зголемување на вредноста на еден час работа во земјава и минатата година имаше зголемена линија, па за еден час работа лани просечен работник заработил 208 денари, што во однос на 2022 година е зголемување за 27 денари. Пресметките на Блумберг за јануарските плати годинава покажуваат дека во тој месец еден час работа во просек чинел 225 денари или 3,65 евра.

Според европската статистичка служба („Евростат“), минатата година просечната саатница во однос на 2022 година е зголемена за 5,3 отсто на ниво на Европската унија и за 4,8 отсто на ниво на еврозоната. Часовите се движат од 9,3 евра во Бугарија до 53,9 евра во Луксембург.

Податоците на „Евростат“ се однесуваат на бруто износи, а што се однесува до нашата земја, бруто-трошокот за еден час работа за просечен работник лани изнесувал 312 денари и е за 15,5 отсто поголем од 2022 година.