Единствената библиотека во светот каде читателите можат да преспијат: Вистинска атракција е

Познатата библиотека Гладстон во велшкото село Харден е голема атракција, по многу нешта е посебно место, бидејќи е единствената библиотека во Велика Британија каде читателите можат да спијат, пренесуваат светските медиуми.

Библиотеката го носи името на познатиот политичар и четирикратен премиер на Велика Британија, Вилијам Еварт Гладстон (1809-1898), кој ја поседувал оваа зграда и ја оставил во аманет на својата татковина.

Основата на библиотеката во Харден е неговата лична колекција од 32.000 книги, но тој број со текот на времето се зголемувал, така што сега има повеќе од 150.000 наслови. Библиотеката во Велс била отворена за јавноста во 1894 година, а првите гости ноќта ја поминале таму во 1906 година.

Има 26 соби, читална, удобни салони за релаксација каде што можете да разговарате и да пиете чај. Библиотеката содржи и ресторан во кој се нуди свежа храна во текот на денот, а добро одржуваниот просторен имот е идеален за уживање во долги прошетки, како што пренесуваат странските медиуми. Меѓу посетителите има љубители на книги од различни профили, од студенти, научници, истражувачи, писатели, до љубопитни туристи.

Библиотеката на Гладстон организира разни настани за посетители – посети на писатели, работилници за креативно пишување. „Гледфест“, фестивал на кој се организираат јавни читања, предавања, настапи на познати писатели и други личности од светот на културата, веќе 10 години традиционално се одржува на почетокот на септември. Годинава тој собир во селото Харден се одржа во два дена, 8 и 9 септември.

Ќерката на Гледстон, Мери Дру, рече дека нејзиниот татко сакал „да им понуди книги кои немаат читатели на оние читатели кои немаат книги“.