Еди Рама: “Заедно со демократскиот свет да се стави крај на заканувачкиот апсурд на северот во Косово“

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека конфликтот на северот во Косово мора да се реши рамо до рамо со демократскиот свет.

Рама на социјалните мрежи објави слики од средбата во Молдавија со претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, холандскиот премиер Марк Руте и српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Регионот мора да влезе во нови односи со ЕУ, додека конфликтот на северот во Косово мора да се реши рамо до рамо со демократскиот свет, ставајќи крај на заканувачкиот апсурд и финализирајќи го договорот за нормализација и меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, потенцира албанскиот премиер.

Рама денеска учествува на состанокот на Европската политичка заедница, што се одржува во Кишињев, Молдавија, каде околу 50 европски лидери ќе разговараат за безбедносните и енергетските прашања на континентот.