Често ни се советува да го намалиме внесот на месо за да избегнеме срцеви заболувања и дијабетес. Во исто време, десетици илјади луѓе се свртуваат кон веганството со надеж дека тоа ќе им помогне да живеат поздрав и подобар живот.
Но, сега се поголем број студии доаѓаат до истиот заклучок. И покрај приказните кои се залагаат за целосна апстиненција од месо, консумирањето месо всушност ја зголемува веројатноста дека ќе живееме подолго. Конкретно, можеби ќе имаме подобри шанси да живееме до 100 години.
Последниот труд, објавен во списанието JAMA Network Open, кој го поддржува овој заклучок, ги проучуваше диетите на 5.200 луѓе, вклучително и 1.500 стогодишници од цела Кина.
Откриено е дека оние кои јаделе поразновидна исхрана, вклучително и месо, имаат 23 отсто поголеми шанси да станат стогодишници во споредба со нивните врсници кои следеле порестриктивна диета.
Јадењето на сите девет групи на храна ги зголемува вашите шанси за долговечност
Просечната возраст на учесниците била 94 години, главно биле жени и живееле во речиси сите кинески провинции. За да се измери различноста во исхраната, учесниците беа анкетирани секоја година од 1998 година за тоа колку често јадат девет групи на храна: житарки, зеленчук, овошје, соја и нејзините производи, јајца, месо, риба, млеко и млечни производи и масло.
Резултатите покажале дека оние кои ги јаделе сите девет групи на храна неделно имале поголема веројатност да доживеат 100 години. Анализата, исто така, покажа дека непушењето и физичката активност ја зголемуваат веројатноста некој да доживее старост. Но, образованието, брачниот статус и консумирањето алкохол во подоцнежниот живот имаа мало или никакво влијание врз тоа колку долго живее некој.
Месо да, но не црвено
Месото се смета за одличен извор на протеини за градење мускули и голем број други есенцијални хранливи материи, како што е витаминот Б12. Месото е исто така богат извор на железо, кое им помага на црвените крвни зрнца да носат кислород низ телото. Сепак, научниците предупредуваат на ризиците од прекумерното консумирање месо, особено црвеното месо.
Претходните студии го поврзуваа секојдневното консумирање црвено месо со поголем ризик од рак на дебелото црево, додека одделни трудови исто така го поврзуваа консумирањето црвено месо со поголем ризик од срцеви заболувања и мозочен удар.
Научниците велат дека е важно да се консумираат и зеленчук и цели јаглехидрати бидејќи содржат влакна и есенцијални хранливи материи за организмот, како што е магнезиумот. Значи, балансирана исхрана, која вклучува месо, риба, овошје и зеленчук, е најдобра за обезбедување долг и здрав живот.