Едно од девет новороденчиња и 11,6% од смртните случаи кај деца до една година во Македонија поради загаден воздух
Едно од девет новороденчиња во Македонија починало поради загадениот воздух, според податоците од УНИЦЕФ. Во 2021 година, 11,6% од смртните случаи кај деца до една година се поврзани со аерозагадувањето, што ја нагласува потребата за итни мерки за заштита на децата.
Едно од девет новороденчиња воМакедонија починало поради загадениот воздух. Според најновите податоци од УНИЦЕФ, 11,6% од смртните случаи кај деца до една година во 2021 година се директно поврзани со аерозагадувањето во земјата. Оваа информација ги алармира властите и јавноста за сериозноста на проблемот и неопходноста од итни мерки.
Бебињата и малите деца најранливи на загадувањето
УНИЦЕФ предупредува дека бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради загадениот воздух. Според претставничката на организацијата, Лесли Милер, раната и честа изложеност на загаден воздух има далекосежни последици:
„Овие податоци се особено загрижувачки бидејќи загадениот воздух влијае врз развојот на мозокот, белите дробови и органите на бебињата, што има последици врз здравјето и учењето во текот на целиот живот“, истакна Милер.
Влијание на загадувањето врз бременоста и раниот развој
Според гинеколозите, загадениот воздух негативно влијае врз фетусите уште додека се во утробата на мајката. Специјалистката по гинекологија и акушерство, асс. д-р Весна Чибишева, објасни дека најпогодени се белите дробови, мозокот и срцето на бебињата:
„Кај бебињата од загадени средини белите дробови не се развиваат како што треба. Потоа, забележуваме поголем процент на респираторни проблеми, астма, алергии и хронични белодробни болести.“
Скопје повторно меѓу најзагадените градови во светот
Во февруари оваа година, Скопје се најде меѓу 10-те најзагадени градови во светот. Штетните ПМ честички ги надминувале дозволените граници повеќе од 100 дена во годината, според податоците на УНИЦЕФ.
Препораки за намалување на загадувањето и заштита на децата
Според УНИЦЕФ, смртните случаи и болестите предизвикани од загадениот воздух можат да се спречат преку ефективни климатски политики. Тие препорачуваат воведување зони без загадување околу училишта, градинки и здравствени установи, како и системи за предупредување за квалитетот на воздухот во станбени области и јавни простори.
Дополнително, јавноста треба редовно да се информира за квалитетот на воздухот, а во домовите и работните места, особено за бремените жени, треба да се постават системи за прочистување на воздухот.
Загадувањето предизвикува смртни случаи во цела Европа
Во извештајот на УНИЦЕФ насловен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“, е наведено дека во 2021 година, поради аерозагадувањето, починале 5.480 новороденчиња во 23 земји, меѓу кои и Македонија.