Екрем Имамоглу им честиташе за Бајрам на Турците од затвор: Тие што мислат дека не можеме да славиме, грешат
Градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу им се обрати на граѓаните од затвор и упати честитка за Бајрам.
Имамоглу во кратка порака на социјалните мрежи рече дека грешат сите што мислат дека не може да го прослави Бајрам со граѓаните.
„Сега, кога сум далеку од вас… Тие што мислат дека не можеме да славиме, многу грешат. Затоа што сигурно ќе најдеме начин да бидеме заедно“, рече Имамоглу.
Тој порача и дека ќе се обединат во борбата.
„Ќе успееме да го обединиме овој празник. Бајрам шериф мубарек олсун“, рече тој.
Имамоглу ја остави и својата електронска адреса за граѓаните да му испраќаат пораки. Покрај тоа, Имамоглу ја напишал и адресата на затворот во кој се наоѓа за секој што сака да му напише писмо.
Десетици илјади луѓе се собраа во Истанбул еден ден претходно за да протестираат против затворањето на градоначалникот Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. На митингот во Истанбул пристигна и семејството Имамоглу. Дилек Имамоглу го одржа својот прв говор, велејќи дека нејзиниот сопруг е неправедно затворен, бидејќи нацијата утре го слави Рамазан Бајрам.
„Ние сме семејство како народ. И нема да можат да нè поделат“, рече Дилек.