Експерти: На Ковид-19 сега може да се гледа како на сезонски грип

Коронавирусот сега може да се третира како сезонски грип и да се вклучи во групата вирусни инфекции, смета д-р Сема Култуфан Туран, дел од бордот советници на турското Министерство за здравство, во врска со пандемијата на Ковид-19.

„Структурата на вирусот се смени во текот на триве години и можноста да предизвика сериозна болест е намалена. На Ковид-19 сега може да се гледа како на еден вид сезонски грип, група вирусни инфекции“, рече д-р Туран.

Стапката на позитивни на Ковид-19 беше околу 5 отсто во изминативе недели, а малку се зголеми последниве денови и достигна 10 отсто, рече д-р Туран и додаде дека, како и кај сите вирусни инфекции, тоа може да се должи на флуктуациите на пандемијата, особено во однос на сезонските промени.

„За среќа, појавата на нови тешки случаи е намалена со структурните промени за време на пандемијата. Со други зборови, стапките на хоспитализација се намалија, како и потребата за лекување на одделите за интензивна нега поради болеста“, рече советничката.

Сепак, „нашите набљудувања поврзани со Ковид-19 и оние што се примени во болница поради симптоми на вирусот покажуваат дека тие обично минуваат низ многу тешка инфекција со грип во домашни услови. Тие обично се изолираат дома и го минуваат овој период. Така треба и да биде“, советува д-р Туран.

Ковид-19 и сите други вирусни инфекции секогаш носат ризик од сериозни болести за постарите лица и оние со дополнителни болести, рече д-р Туран, повикувајќи ги болните да се изолираат и да носат маски во преполни и затворени простории.

Вирусните инфекции обично исчезнуваат во рок од две или три недели кај здрави лица, порача таа, но предупреди дека ако се појават и дополнителни симптоми, како што се континуирана треска и промени во секрецијата при болеста, која првично започнала како вирусна инфекција, всушност, тоа може да се претвори во бактериска инфекција.

„Во тој случај им препорачуваме на луѓето да внимаваат на внесувањето течности за време на болеста и да го зајакнат својот имунолошки систем со здрава храна и витамини“, нагласи д-р Сема Култуфан Туран.

ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН