Експлозијата би била 343 пати посилна од онаа во Хирошима: Убиец на градови брза кон Земјата, но може да ја погоди Месечината

Шансата „убиецот на градот“ – астероидот 2024 YR4 – да удри во Земјата во 2032 година е двојно зголемена неодамна и сега изнесува 2,2 проценти. Меѓутоа, научниците откриле и дека постои 0,3 отсто шанса оваа карпа, со дијаметар од околу 55 метри, да удри во Месечината со брзина од околу 48.000 километри на час.

Меѓународната астрономска унија (IAU) го прогласи овој астероид за ниво 3 на скалата на опасност од удар во Торино, што го прави единствениот со ниво над 0.

Дејвид Ранкин, астроном и инженер од опсерваторијата на небото Каталина на Универзитетот во Аризона, изјави за LiveScience дека ударот на астероид на Месечината ќе биде видлив од Земјата, но ударот нема да влијае на нас.

„Постои можност ударот да исфрли некој материјал што би ја погодил Земјата, но се сомневам дека тоа би претставувало закана“, изјави тој за New Scientist .

Како што е наведено, Месечината нема атмосфера за забавување и ублажување на ударот, така што експлозијата би имала сила 343 пати поголема од експлозијата на атомската бомба фрлена врз Хирошима.

И покрај овие шпекулации, научниците инсистираат дека иако 2024 YR4 е најопасниот астероид бидејќи е единствениот што всушност има шанси да удри во Земјата, таа шанса е многу мала.

– Моментално шансата да ја пропушти нашата планета е 97,8 отсто. Кога шансите скокнаа од 1,2 на 2,2 отсто, тоа предизвика голема врева бидејќи процентот речиси се удвои. Но, тоа не е исто како и шансите да скокнат од 40 на 80 проценти. „Овој астероид не е нешто поради кое треба да се изгуби сон“, изјави Ранкин за LiveScience.

Вселенска карпа со големина на половина фудбалско игралиште ќе биде најблиску до Земјата на 22 декември 2032. Иако е голема, не се смета за „убиец на планетата“, туку за „убиец на градот“. Тој е доволно голем за да предизвика нешто слично на експлозијата Тунгуска што се случи на 30 јуни 1908 година над Сибир. Според сегашните пресметки, доколку ја погоди нашата планета, коридорот на ризик е од Јужна Америка преку Атлантикот и Јужна Африка до Индија.