Експлозија во тунел, има мртви; Луѓето се заробени: „Во секој момент може да се урне“

Најмалку две лица загинаа, а многу други се заробени по несреќа во тунел што доведе до експлозија во градот Грин Ривер, Вајоминг.

Неколку возила, меѓу кои и трактор и камион, биле вклучени во верижна реакција, што довело до експлозија која траела околу 30 минути, пишува британски „Мирор“.

Според соопштението на властите, тунелот може да се урне во секој момент, па спасувачките екипи имаат проблем да пристапат до местото на несреќата.

Началникот на полицијата на округот Свитвотер, Џејсон Мауер, изјави дека во моментов се преземаат сите заштитни мерки на местото на несреќата, но дека поради опасните услови и структурните оштетувања во тунелот, не е можно понатамошно дејствување.

Засега се потврдени две жртви, а најмалку седум лица се повредени и пренесени во болница. Геолозите и инженерите во моментов ја проценуваат инфраструктурата на тунелот.

Несреќата се случила околу пладне по локално време, а пожарот предизвикал голема материјална штета.