Експремиерката на Финска била платена за да ги „турка“ Украина и Молдавија кон ЕУ, преку Институтот „Тони Блер“

Поранешната финска премиерка Сана Марин била платена за да им помогне на Украина и на Молдавија на нивниот пат кон членство во ЕУ, покажуваат документите до кои дојде платформата за истражувачко новинарство „Следете ги парите“ (Follow the Money – FtM).

Сана Марин, која стана една од најмладите премиерки во светот по изборите во 2019 година, сега работи во Институтот за глобални промени (IGC) на Тони Блер, а нејзината работа вклучува поддршка на Украина и Молдавија за пристапување во ЕУ.

Марин неодамна се приклучи на меѓународната работна група формирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски за да „развие системска визија за понатамошната интеграција на Украина во евроатлантскиот безбедносен простор“, односно да помогне во истражувањето на патот на Украина кон пристапување во НАТО и ЕУ.

Во објавата за приклучување на Сана Марин во институтот Блер во септември не се прецизирало кој ќе биде нејзиниот фокус, туку само дека таа ќе биде стратешки советник во непрофитната консултантска куќа на поранешниот британски премиер.

Во Брисел, зад затворени врати, Марин ѝ кажа на Европската комисија дека „нејзината главна улога (во Институтот Тони Блер) ќе биде да ги поддржи кандидатурите на Украина и Молдавија за ЕУ“. Така, без многу јавна помпа, Марин всушност стана највлијателниот лобист за кандидатурата на две источноевропски земји за ЕУ.

Во декември, Европскиот совет официјално ги отвори преговорите за пристапување на Украина и Молдавија во ЕУ, бидејќи ставот на европските лидери кон проширувањето на исток драматично се промени по руската агресија врз Украина.

Разговорите се голем чекор кон членство за двете земји, но тие ќе мора да спроведат сеопфатни политички и економски реформи како услов за приклучување.

И тоа, како што наведува FtM, е местото каде што стапува во игра Институтот Тони Блер. Украинската министерка за економија и прв вицепремиер Јулија Свириденко за време на неодамнешната посета на Сана Марин на Украина рече дека Институтот треба да го советува Киев како да го зголеми извозот и да привлече странски капитал.

По таа посета, Марин разговараше за плановите на Украина во пристапниот процес во Брисел, вклучително и со комесарот за проширување Оливер Вархеи.

Марин, исто така, ја охрабрила европската комесарка за здравство Стела Киријакидес да ја посети Молдавија „пред претстојните претседателски избори наесен“, се вели во новата белешка од состанокот.

Патем, иако Институтот Блер е непрофитна организација, неговите совети не се бесплатни. „Ние не сме добротворна организација“, изјави Блер неодамна за „Фајненшл тајмс“.

Од Институтот не сакаа да кажат кој плаќа за нивната работа за Украина и Молдавија, ниту колку е платена Сана Марин.

Сепак, Институтот објави дека „не добива пари ниту од молдавската ниту од украинската влада“.

Институтот Блер имал промет од 121 милиони долари во 2022 година, според неговиот најнов објавен финансиски извештај. Нејзини поддржувачи се Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, британското Министерство за надворешни работи и семејната фондација на милијардерот со украинско потекло Лен Блаватник.

Сана Марин не одговори на барањето на FtM за коментар.