Европскиот парламент денеска со 442 гласа „за“, 144 „против“ и 33 воздржани усвои резолуција во која го доведе во прашање унгарското претседателство со Советот на ЕУ закажано за следната година.
Европратениците ја нагласуваат важната улога на претседателството за постигнување напредок во законодавството на ЕУ, за обезбедување континуитет во европската агенда и за соработка со другите институции на заедницата. Тие се прашуваат како Унгарија ќе може со сигурност да ја исполни оваа задача од јули следната година поради непочитувањето на правото на ЕУ и вредностите на пристапниот договор, како и принципот на лојална соработка со европските институции и земји. ЕП ги повикува земјите од ЕУ да најдат соодветно решение што е можно поскоро и забележува дека може да преземе соодветни мерки доколку не се најде такво решение.
Во резолуцијата се забележува дека состојбата со владеењето на правото во Унгарија се влошува веќе неколку години поради активностите на владата во Будимпешта. Се додава дека од 2017 до 2021 година откриени се вкупно 1.993 неправилности поврзани и неповрзани со измами со европските фондови.