– И покрај запирањето на учеството на Москва во Договорот за пренос на жито преку Црно Море, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин сака Договорот да продолжи.
„И покрај денешната изјава, верувам дека рускиот претседател Путин сака овој хуманитарен мост да продолжи“, изјави Ердоган на прес-конференцијата во Истанбул пред да замине во официјална посета на Саудиска Арабија.
Ердоган ги даде овие коментари веднаш откако Кремљ објави дека го суспендира Договорот за жито, кој истекува денес.
„Црноморскиот договор за жито влезе во историјата како дипломатски успех“, нагласи Ердоган, додавајќи дека Турција секогаш му придавала важност на продолжувањето на Иницијативата и ги интензивирала дипломатските напори за таа цел.
Ердоган изјави дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и неговиот руски колега Сергеј Лавров ќе разговараат телефонски за Договорот, изразувајќи надеж дека тој ќе продолжи „без прекин“.
„Покрај тоа, може да преземеме чекори преку телефонски повик со Путин, без да го чекаме август“, додаде тој.
Претходно Ердоган изјави дека се очекува Путин да ја посети Турција во август за да се разговара за билатералните односи и регионалните прашања.
Пред една година Турција, ОН, Русија и Украина потпишаа Договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црно Море, кои беа запрени по почетокот на руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.