Ердоган: „Владата на Нетанјаху излезе од контрола поради безусловната поддршка на Западот“

– Единствена цел на Турција во прекинот на трговијата со Израел е да се присили Тел Авив да прогласи прекин на огнот во Појасот Газа, изјави вчера претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

„Наша единствена цел е да ја присилиме на прекин на огнот Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, која излезе од контрола поради безусловната поддршка на Западот“, рече Ердоган во своето обраќање пред членовите на Здружението на независни индустријалци и бизнисмени во Истанбул.

Ердоган ја коментираше и одлуката што во четвртокот ја објави Министерството за трговија на Турција дека Анкара ги запрела сите извозни и увозни активности со Израел поради агресијата врз Палестина.

Уште еднаш критикувајќи ги западните држави поради поддршката на Владата на Нетанјаху, Ердоган порача дека очекува дека овие земји силно ќе ја критикуваат Турција поради нејзината одлука.

„Свесни сме дека Западот ќе нѐ нападне поради нашите трговски ограничувања кон Израел“, рече турскиот претседател.

Напоменувајќи дека сепак Турција ќе биде пример и за другите земји во регионот, Ердоган додаде:

„Кога ќе се постигне прекин на огнот и ќе се овозможи испорака на доволно количество помош во Газа, нашата цел ќе биде исполнета. Турција ќе биде пример и за другите земји.“

На крајот од својот говор Ердоган повика на воздржаност и смиреност во регионот.

„Не тежнееме кон непријателство или судири со ниту една земја во нашиот регион. Не сакаме да гледаме судири, крв и солзи на нашето географско подрачје“, порача Еродган.

Претседателот на Турција претходно во петокот информираше дека неговата Влада ја прекинала сета трговија на Турција со Израел, која изнесува околу 9,5 милијарди долари (8,82 милијарди евра) годишно.