– Турција прогласи тридневна национална жалост поради загинатите во израелските напади во Газа, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Тридневната национална жалост е прогласена поради „нашата почит кон илјадниците жртви, од кои повеќето се деца и невини цивили“, напиша Ердоган на социјалната мрежа Х.
„Како Турција, во нашите срца го чувствуваме големото страдање на нашите браќа и сестри Палестинци. Знамињата ќе бидат спуштени на половина копје во сите наши претставништва и амбасади во земјата и во странство до зајдисонце в сабота, 21 октомври 2023 година“, додаде Ердоган.
Претходно Египет прогласи тридневна национална жалост поради жртвите од израелскиот воздушен напад врз болницата во Газа.
Газа моментално преживува тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Бројот на загинати во израелските напади од 7 октомври досега во Појасот Газа се искачи на 3.478, а над 12.000 се повредени.
Борбите започнаа кога Хамас на 7 октомври започна повеќекратни ненадејни напади, кои вклучија голем број ракетни напади и упади во Израел преку копно, море и воздух. Хамас порача дека упадот е одмазда за претходните рации во џамијата „Ал Акса“ и порастот на насилството од страна на еврејските доселеници кон Палестинците.
Како одговор, израелската војска започна операција против позициите на Хамас во Појасот Газа.