Ердоган ги повика САД „итно да ја преиспитаат“ одлуката за блокирање на палестинските претставници во ОН

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика САД „итно да ја преиспитаат“ својата одлука за блокирање на палестинските претставници од учество на состанокот на ОН во Њујорк подоцна овој месец.

Неодамна, САД соопштија дека ќе ги поништат визите на десетици палестински функционери, вклучувајќи го и претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас, објави „Телеграф“.

Оваа акција „не е во согласност со raison d’etre на Обединетите нации“, рече Ердоган на повратен лет од Кина, според денешното соопштение од неговиот кабинет.

„Одлуката мора итно да се преиспита. Генералното собрание на Обединетите нации постои за да се дискутираат светските прашања и да се најдат решенија“, рече турскиот лидер.

„Отсуството на палестинската делегација во Генералното собрание само би му било драго на Израел. Она што се очекува од Соединетите Американски Држави е да кажат „стоп“ на масакрите на Израел“, додаде тој.

Неколку сојузници на САД, вклучувајќи ги Франција, Малта, Австралија и неодамна Белгија, објавија планови за признавање на Палестина како држава на Генералното собрание на ОН во септември.

Канада и Обединетото Кралство исто така ќе го сторат тоа, освен ако Израел не исполни одредени услови.