Ердоган го претстави манифестот на партијата и вети силна Турција

– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој води кампања за изборите, денеска вети „силна Турција“ која „нема да потпадне под јаремот на политичкото и економското ропство“, а рече и дека приоритет му е отстранување на последиците од земјотресот.

Ердоган денеска го претстави манифестот на неговата „Партија на правдата и развојот“ (АКП) пред претседателските и парламентарните избори на 14 мај и рече дека целиот муслимански свет го чека исходот. „Турција нема друг избор освен да остане силна и да ја зголеми својата моќ за да не падне под јаремот на политичкото и економското ропство“, рече Ердоган во Анкара пред неколку илјади поддржувачи.

Ердоган (69), кој е на власт две децении од 2003 година како премиер и претседател, рече дека сака да ја ослободи Турција од „пучистите и империјалистите“, алудирајќи на обидот за државен удар во 2016 година.

Тој притоа истакна дека негов приоритет е реконструкција на подрачјето погодено од земјотресот.

Исто така вети и дека инфлацијата од 50,5 отсто ќе ја доведе до помалку од 10 отсто.

На претседателските и парламентарните избори во 2018 година, Ердоган беше реизбран во првиот круг, но неговата АКП беше лишена од апсолутното мнозинство во Парламентот, принудувајќи го да формира сојуз со ултранационалистичката партија МХП, некогаш еден од неговите најголеми ривали. 

Анкетите предвидуваат неизвесни избори, а според некои истражувања на јавното мислење, победник во вториот круг од претседателските избори би можел да биде Кемал Киличдароглу, кандидатот на коалицијата на шест опозициски партии.