Договорот за житото од Црно море, кој требаше да истече на 18 мај, продолжен е за уште два месеци, објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Со напорите на нашата земја, поддршката на нашите руски пријатели и придонесите на нашите украински пријатели, беше одлучено да се продолжи Договорот за коридорот за жито во Црното Море за уште два месеци“, рече Ердоган за време на неговото обраќање преку видео-врска на состанокот со регионалните претставници, заменици, градоначалници и кандидати за пратеници од редовите на Партијата на правдата и развојот (АК Партија). Турција, Обединетите нации, Русија и Украина првично го потпишаа договорот во Истанбул минатиот јули за обновување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море. Извозот на житото беше стопиран по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.
„Се надеваме дека ќе ги видиме деновите кога војната меѓу Русија и Украина ќе заврши, прво со траен прекин на огнот, а потоа со мир“, рече Ердоган, јави ТРТ БАЛКАН.
Претседателот им се заблагодари на неговите руски и украински колеги и на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за нивните напори.
„Покрај тоа, нашите руски пријатели изјавија дека нема да го спречат излегувањето на турските бродови од пристаништата Миколаив и Олвија. Ние сме им благодарни за тоа“, додаде Ердоган.