Ердоган: Имам доверба во Русија колку и на Запад

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека и верува на Русија исто како и на Западот. Тој рече дека за време на неодамнешната средба со рускиот претседател не успеал да го убеди Путин да го продолжи договорот за жито во Црното Море, но дека добил ветување дека Русија ќе испорача еден милион тони жито во Африка.

„Немам причина да не му верувам“, изјави Ердоган вчера пред американската телевизиска компанија PBS во Њујорк, каде што учествува на собранието на ОН. „Русија е исто толку доверлива како и Западот. Во последните 50 години чекаме пред вратата на ЕУ и, во овој момент, и верувам на Русија исто како и на Западот“, рече тој. 

Минатата година Турција и ОН склучија договор со кој се овозможи транспорт на украинско жито од пристаништата на Црното Море, но Москва се повлече од договорот пред два месеци, тврдејќи дека Западот не го испочитувал својот дел од договорот, кој и дозволува на Русија да извезува храна и ѓубрива.