Ердоган: Интервенцијата на мировните сили на ОН во изградбата на патот во Т.Р. Северен Кипар е неприфатлива
– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, синоќа изјави дека интервенцијата на мировните сили на Обединетите нации (ОН) во изградбата на патиштата на територијата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) е неприфатлива.
„Физичката интервенција на војниците на мировните сили на ОН на територијата што потпаѓа под суверенитетот на ТРСК за нас никогаш не е прифатлива“, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот во Анкара, главниот град на Турција.
Изјавата на Ердоган следуваше откако мировните сили на ОН на Кипар (UNFICYP) минатата недела интервенирале при работата во изградбата на пат со кој селото Пила, кое се наоѓа во тампон зоната и во кое живеат и кипарски Турци, треба да се поврзе со остатокот на ТРСК.
Проширувањето на патот е стратегиски важно за жителите на островот бидејќи ќе им овозможи да стигнат до Пила, село во кое заедно живеат кипарските и Турци и Грци.
Администрацијата на кипарските Грци и ОН се противат на овој проект.
Жителите на Пила ќе можат да патуваат на кратки дестинации и нема да мора да минуваат низ британската база кога ќе преминат на турската страна, благодарение на градежните работи на патот во должина од 11,6 километри.
Првите 7,5 километри од патот ќе минуваат низ Јигитлер, а останатите 4,1 километар ќе минуваат низ Пила.
„Не е ниту легално ниту хумано да се спречат кипарските Турци кои живеат во селото Пила да стигнат до својата татковина“, изјави Ердоган во своето обраќање.
Претседателот на Турција нагласи и дека мировните сили фрлиле сенка врз својата непристрасност со физичката интервенција кон локалното население на Северен Кипар и своите изјави.
„Она што се очекува од ОН е да придонесе во решавањето на хуманитарните потреби на сите страни на островот со вистинско претставување на неговото име, наместо со демонстрација на дестабилизирачко однесување“, порача Ердоган.
Тој исто така истакна и дека Турција, како земја гарант, нема да дозволи противправни дела на Кипар.