Ердоган и Путин разговараa за билатерални и регионални теми

Претседателот на Турција, Реџеп Тип Ердоган, телефонски разговараше со рускиот колега Владимир Путин и договори детали за Путиновата посета на Анкара.

Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Турција објави дека Ердоган во телефонскиот разговор му се заблагодарил на Путин за испраќањето на руските канадери за помош во гаснењето на шумските пожари во Турција.

Во соопштението се наведува дека Ердоган рекол дека расте интересот на руските туристи за одмор во Тирција и дека со заеднички напори оваа сезона ќе бидат урнати многу рекорди во тој сектор.

Истакнувајќи дека не треба да се преземаат чекори за ескалација на тензиите во руско-украинската војна, Ердоган го нагласи значењето на Црноморската иницијатива, која ја смета за мост на мирот.

Ердоган порача и дека долгорочната суспензија на Црноморската иницијатива за извоз на жито никому не му користи и дека најмногу ќе страдаат земјите со ниски приходи, на кои им е потребно жито.

Претседателот на Турција укажа и на фактот дека цената на житото во текот на имплементацијата на Црноморската иницијатива е намалена за 23%, а во последните две недели по суспензијата на Иницијативата, цената е зголемена за 15%.

Ердоган најави дека неговата земја ќе продолжи да вложува интензивни дипломатски напори за продолжување на Црноморската иницијатива.