– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во телефонски разговор што се одржа вчера разговараа за најновите случувања во Русија и членството на Шведска во НАТО, соопшти Дирекцијата за комуникации на Турција.
Во текот на разговорот е истакнато дека прекинот на тензиите во Русија „ја спречил појавата на неотповикливи хуманитарни трагедии на украинскиот терен“, се наведува во соопштението.
На Столтенберг му е пренесено дека Турција се надева дека неодамнешните случувања во Русија ќе бидат „нова пресвртница на патот кон праведен мир во Украина“.
Се наведува дека Турција го задржала својот конструктивен став во врска со членството на Шведска, но дека измената на законите би била бесмислена сѐ додека приврзаниците на ПКК/ПЈД/ЈПГ слободно организираат демонстрации во таа земја.
Во продолжение се нагласува дека „неправдата со која се соочуваат во контекст на Ф-35 и обидите барањата на Турција за Ф-16 да се поврзат со членството на Шведска му наштетиле на НАТО и неговата безбедност, а не на Турција.“
Паравоената група Вагнер во петокот ги обвини руските сили дека ги нападнале нивните борци и дека по тој настан групата преминала од Украина во рускиот град Ростов на Дон. Како одговор, Федералната служба за безбедност, во Русија започна кривична постапка против Вагнер за „вооружен бунт“. Претседателот на Русија, Владимир Путин, го означи бунтот на Вагнер како чин на „предавство“.
Шефот на Вагнер, Јевгениј Пригожин, подоцна тврдеше дека неговите борци одлучиле да се вратат за да избегнат крвопролевање кога биле на 200 километри од Москва.