Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Израел порано или подоцна ќе плати за, како што рече, „геноцидот што го спроведува веќе една година“ во Појасот Газа. Ердоган додаде дека овој геноцид не убива само Палестинци, туку и целото човештво.
„Како што Хитлер беше запрен од заедничката алијанса на човештвото, така и (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху и неговата мрежа на убиства ќе бидат запрени“, напиша Ердоган на платформата Икс, по повод годишнината од нападот на Хамас врз јужниот дел на Израел и почетокот на војната во Појасот Газа.
Ердоган изрази жалење за десетиците илјади убиени од страна на израелската војска во текот на една година во Газа и Либан, повторувајќи дека овие конфликти покажуваат дека меѓународниот систем не му служи на човештвото.
„Светот без одговорност за геноцидот во Газа нема да има мир. Турција ќе продолжи да се спротивставува на израелската влада и да повикува светот да и се придружи“, нагласи Ердоган.
Годишнината од терористичкиот напад на Хамас на југот на Израел на 7 октомври минатата година се одбележува денеска. Хамас тој ден уби 1.200 луѓе и зеде околу 250 заложници.
Во конфликтот кој следеше меѓу Хамас и Израел загинаа над 41.820 Палестинци во Појасот Газа и над 2.000 лица во Либан.