Ердоган најави голема реконструкција на Газа: „Турција ќе дејствува, геноцидот не смее да се заборави“
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека „целосната имплементација на договорот од Шарм ел-Шеик и континуираното американско влијание врз израелската влада се од клучно значење за зачувување на мирот“.
Зборувајќи по потпишувањето на „Декларацијата за намери“ на мировниот самит во Шарм ел Шеик, Ердоган рече дека документот што го потпишале „не е обичен протокол“.
„Овие потписи не треба да се сфаќаат како формалност. Со нив, волјата за мир е запишана во историските записи“, нагласи турскиот претседател.
Ердоган уште еднаш повтори дека „единственото решение за палестинското прашање е воспоставување независна и суверена држава Палестина во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град“.
Турскиот лидер истакна дека обновата на опустошената Газа ќе биде еден од клучните предизвици на меѓународната заедница во наредните месеци.
„Реконструкцијата на Газа е од најголема важност. Ќе направиме сè што можеме за да им обезбедиме домување на жителите на Газа до зимата. Во изминатите неколку дена, околу 350 камиони со хуманитарна помош влегоа во Појасот Газа. Според договорот меѓу Хамас и Израел, се очекува најмалку 600 камиони со помош да преминуваат дневно“, рече Ердоган.
Тој ги повика другите земји поактивно да се вклучат во процесот на реконструкција.
„Од земјите од Заливот, преку Соединетите Американски Држави, па сè до европските земји – бараме и ќе бараме нивна поддршка“, нагласи тој.
Ердоган изјави дека Турција е подготвена, доколку е потребно, да испрати контејнери за привремено сместување на жителите на Газа.
„Реков – доколку е потребно, да ги испратиме нашите контејнери во тој регион. Сакаме да ги опремиме за достоинствен живот во текот на зимата. Турција е за мир и ќе дејствува соодветно. Ние сме исклучително посветени на воспоставување мировен поредок во Газа“, рече тој.
Ердоган откри дека е во постојан контакт со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во врска со спроведувањето на договорот за прекин на огнот и мировните напори.
„Претседателот Трамп ми рече: „Што и да е потребно, да останеме во контакт – да не ја занемаруваме телефонската дипломатија“. Нашата комуникација е од големо значење и ќе ја продолжиме на сите нивоа“, рече Ердоган.
Претседателот на Турција, исто така, истакна дека борбата против заборавањето на злосторствата извршени врз палестинскиот народ мора да продолжи.
„Мораме уште посилно да застанеме на страната на Газа. Нашата борба за вистината и сеќавањето на геноцидот не смее да престане“, рече тој.