– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да ги избегне последиците од она што го сторил, ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе ја плати цената за воените злосторства што ги извршил.
Ердоган одговори на новинарските прашања во авион при враќањето од посетата на Катар.
„Газа им припаѓа на Палестинците. Не признаваме никаков субјект на одлучување што ги игнорира нивните одлуки“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека ако не беше поддршката од западните земји, особено САД, кон Израел, сега немаше да се соочат со оваа ситуација во регионот.
Според него, Турција е подготвена да биде домаќин на мировна конференција за израелско-палестинскиот конфликт и да дејствува како земја гарант „сѐ додека тие навистина сакаат мир“.
„Дури и да се разговара за тврдењето дека Израел ќе воспостави тампон-зона во Газа, тоа е непочитување кон Палестинците, не вреди да се дискутира“, нагласи Ердоган.
Турскиот претседател истакна дека израелскиот премиер Нетанјаху е на праг да вее бело знаме.
Што се однесува до плановите за атентат на членовите на Хамас во странство, Ердоган рече: „Ако се осмелат такво нешто во Турција, ќе платат висока цена од која не ќе можат да закрепнат.“
„Нетанјаху нема да ги избегне последиците од она што го стори. Ќе биде изведен пред лицето на правдата, ќе ја плати цената за воените злосторства што ги изврши“, додаде Ердоган.
Во петокот Израел ја продолжи својата воена офанзива врз Појасот Газа откако заврши еднонеделното хуманитарно примирје со Хамас бидејќи страните не успеаја да се договорат за условите за одржување на примирјето.
Бројот на убиени Палестинци од почетокот на израелските напади на 7 октомври се зголеми на 16.248.
Меѓу жртвите има 7.112 деца и 4.885 жени. Во израелските напади беа ранети повеќе од 43.616 луѓе.
Околу 7.600 луѓе сѐ уште се водат како исчезнати во урнатините низ Појасот Газа.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.