Ердоган: „Нетанјаху нема да се ослободи од проклетството поради убивањето недолжни, ни Хитлер,Милошевиќ, Караџиќ, кои ги имитира“

– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес го осуди Израел поради последните напади на кампот во Рафа во кој се наоѓаат раселените Паелстинци во безбедната зона.

„Неделниот напад врз Рафа што следуваше по одлуката на МСП, ја разоткри подмолната и крвава природа на терористичката држава (Израел)“, истакна претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Истанбул.

Претседателот Ердоган го осуди израелскиот премиер, велејќи: „Нетанјаху и неговите браќа убијци се обидуваат да го продолжат политичкиот век со масакри над недолжни луѓе, бидејќи не можат да го скршат отпорот на Палестинците.“

„Нетанјаху нема да може да се ослободи од проклетството поради убивањето недолжни, како ниту [Адолф, заб. авт.] Хитлер, [Слободан] Милошевиќ, [Радован] Караџиќ, кои ги имитира“, рече Ердоган.

Претседателот Ердоган нагласи и дека Турција ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да обезбеди тие [израелските, заб. авт.] варвари да бидат изведени пред лицето на правдата за злосторствата што ги извршиле.

Најмалку 35 лица се убиени, а десетици се повредени синоќа во израелскиот напад на камп во безбедната зона во Рафа, во кој се сместени раселените лица.

Нападот се случил во близина на логистичката база на Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Тал ал-Султан, информираше Канцеларијата за медиуми во Газа.

Израелските авиони гаѓале неколку шатори во тоа подрачје, соопшти Канцеларијата за медиуми, додавајќи дека во нападот се користени ракети и бомби.

Претходно Цивилната заштита на Газа соопшти дека по бомбардирањето транспортирале 50 луѓе, вклучувајќи убиени и ранети. Споменатото подрачје им дава засолниште на најмалку 100.000 раселени лица.