Ердоган: „Пристапувањето на Шведска во НАТО е дискреционо право на турскиот Парламент“

„Нашиот Парламент ќе ги следи преземените чекори и ќе донесе правилна одлука во согласност со интересите на Туркије“, изјави Ердоган пред новинарите на средбата во претседателскиот авион со кој се враќаше од дводневниот Самит на НАТО во Литванија.

Приклучувањето на Шведска во НАТО е дискреционо право на турскиот Парламент, изјави претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган, додавајќи дека пратениците ќе донесат правилна одлука во согласност со интересите на Анкара.

„Надлежноста за одобрување на протоколите за пристапување на Шведска е кај Големото турско национално собрание. Сега постои процес.“

„Нашиот Парламент ќе ги следи преземените чекори и ќе донесе правилна одлука во согласност со интересите на нашата земја“, изјави Ердоган пред новинарите на средбата во претседателскиот авион со кој се враќаше од дводневниот Самит на НАТО во Литванија.

Ердоган во понеделникот, пред Самитот на НАТО, се согласи да ја достави до турскиот Парламент кандидатурата на Шведска за пристапување во НАТО по трилатералната средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и шведскиот премиер Улф Кристерсон во литванскиот главен град Вилнус.

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија ја започна својата војна против Украина во февруари 2022 година.

И покрај тоа што Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, таа чека Шведска да ги исполни своите обврски да не им дава засолниште на терористите и поддржувачите на терористите и да не им дава зелено светло на нивните постапки.

„Повторно, како резултат на нашите напори, првпат во историјата на Алијансата објавена е одлука за именување специјален координатор за борба против тероризмот.

Членството на Шведска во НАТО беше едно од прашањата што беа истакнати во контекст на Самитот. Нашиот принципиелен став по ова прашање беше јасен од самиот почеток. Ја продолживме нашата политика и овде“, рече Ердоган.

Осврнувајќи се на процесот за членство на Туркије во ЕУ, Ердоган рече:

„Постои позитивно мислење за ревитализација на нашиот процес за членство во ЕУ.“

„Ќе ги забрзаме преговорите за ажурирање на Царинската унија што ќе има мултипликативен ефект врз турската економија. Верувам дека ќе направиме напредок и во визната либерализација.“

Туркије аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година и е земја кандидат од 1999 година.

Преговорите за полноправно членство започнаа во октомври 2005 година, но беа во застој во последниве години поради политичките пречки поставени од некои земји.

Ердоган рече дека неговиот главен советник Акиф Чагатај Килиќ отишол во Брисел за да разговара за овие прашања, додавајќи: „Тој ќе разговара и за Царинската унија и за прашањата за визната либерализација. Верувам дека тоа ќе биде во корист на Туркије.“

„Туркије секогаш ги исполнува своите ветувања“, рече Ердоган, додавајќи дека Анкара сака наскоро да види „опипливи резултати“ од разговорите со ЕУ спроведени врз принципот win-win (победа-победа).