Ердоган: Спасувачите од урнатините извлекоа над 8.000 преживеани

Ердоган: Спасувачите од урнатините извлекоа над 8.000 преживеани

logo

×

ТУРЦИЈА

Ердоган: Спасувачите од урнатините извлекоа над 8.000 преживеани

„Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на сите пријателски и братски земји кои деноноќно собираат помош за нашиот народ и ги поддржуваат нашите напори за потрага и спасување со своите тимови и мислат на нас во нивните молитви“.

Турција им е благодарна на сите земји за помошта што ја дадоа во акциите за пребарување и спасување и за напорите преземени по разорните земјотреси, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

Ердоган во видеопорака по повод Светскиот владин самит во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, рече дека спасувачките тимови досега извлекле повеќе од 8.000 живи луѓе од урнатините на зградите по земјотресот што во понеделникот минатата недела ја погоди јужна Турција.

Тој додаде дека голем број од над 81.000 повредени во земјотресите веќе се отпуштени од болниците.

„Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на сите пријателски и братски земји кои деноноќно собираат помош за нашиот народ и ги поддржуваат нашите напори за потрага и спасување со своите тимови и мислат на нас во нивните молитви“, рече Ердоган.

Тој истакна дека Турција се соочува со една од најголемите природни катастрофи не само во својата историја, туку и во историјата на човештвото.

Нагласи дека Турција никогаш нема да го заборави пријателството на другите држави во овие тешки денови. Ердоган истакна дека оваа катастрофа „уште еднаш ја покажа важноста на меѓународната солидарност“.

Тој потсети дека Република Турција добила пораки за поддршка и сочувство од над 100 земји.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари ги погодија јужните делови на Турција со епицентар во областа Кахраманмараш, а голем број спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.

Над 31.900 луѓе загинаа во Турција, а повеќе од 80.000 се повредени.

Земјотресите исто така погодија и неколку други земји и предизвикаа големи разурнувања во северна Сирија, каде што бројот на загинати надмина 3.680.