Туркискиот свет меѓу првите пружи помош по разорните земјотреси кои на 6 февруари го погодија југот на Турција, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Баравме меѓународна помош. Туркискиот свет помогна меѓу првите. Не не оставивте сами во нашите најтешки моменти“, рече Ердоган на свеченото отворање на вонредниот самит на лидерите на Организацијата на туркиските држави во претседателскиот комплекс во Анкара, главниот град на Турција.
„Нашата држава никогаш нема да ја заборави вашата поддршка“, додаде Ердоган, пренесе ТРТ Балкан.
Земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени погодија 11 области на 6 февруари – Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа, при што загинаа речиси 50.000 луѓе.
Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција беа погодени од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.
„Уште еднаш ќе покажеме на највисоко ниво дека туркискиот свет чука со едно срце и дека е единствен“, рече Ердоган.
Ердоган се осврна и на случувањата во контекст на војната на Русија и Украина. „Турција ќе продолжи со напорите да ги врати Русија и Украина на преговарачка маса“, рече Ердоган.
Вонредниот самит на лидери на Организацијата на туркиските држави почна денес во Анкара.
Ердоган во претседателскиот комплекс ги пречека лидерите и генералниот секретар на Организацијата на туркиските држави Кубаничбек Омуралиев.
На самитот присуствуваат и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, претседателот на Казахстан Касим-Јомарт Токаев, претседателот на Киргистан Садир Јапаров, узбекистанскиот лидер Шавкат Мирзијојев, претседателот на Турската Република Северен Кипар Ерсин Татар, унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседавачот со Народниот совет на Туркменистан Гурбангули Бердимухамедов.
Тема на самитот е Управување со вонредни ситуации и хуманитарна помош, а се очекува дека учесниците ќе разговараат за мултилатерална соработка и механизмите на координација во борба против катастрофите и ќе се направат консултации за актуелни предизвици во регионот. Организацијата на туркиските држави, која порано се викаше Туркиски совет, е меѓународна организација која се состои од независни туркиски земји кои заедно работат на јакнење на меѓусебните односи.
Нејзините членки се Турција, Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан, додека Унгарија, Туркменистан и Турската Република Северен Кипар имаат статус на набљудувач.