– 85-те милиони граѓани на Турција и демократијата во земјата победија, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган откако беше реизбран за претседател на вториот круг од изборите што се одржаа во неделата.
„Турската демократија и турскиот народ победија на изборниот маратон“, рече Ердоган на 79-тото Генерално собрание на Сојузот на комори и берзи на Турција во главниот град Анкара.
На 28 мај, турските гласачи излегоа на гласање за вториот круг од претседателските избори, откако ниту еден кандидат не го премина прагот од 50 отсто потребен за целосна победа во првиот круг на 14 мај.
Ердоган победи во трката со 52,14 отсто од гласовите, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу доби 47,86 отсто, според неофицијалните резултати.
„Секој граѓанин кој има доверба во националната волја, сонува за нашата земја и чувствува дека припаѓа на оваа земја, е неприкосновен победник на овие избори“, рече Ердоган.
Според Ердоган, Турција успешно го заврши еден од најважните изборни процеси во својата историја.
„Двата избори ги одржавме со совршенство што доликува на нашата демократија“, додаде турскиот претседател.