Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на средбата со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, истакна дека двете земји заедно како сојузници на НАТО директно придонесуваат за мирот и стабилноста на Балканот.
На заедничката конференција со Мицкоски, Ердоган разговараше за начините за натамошно продлабочување на билатералните односи, додека со потпишана заедничка изјава беше воспоставен механизмот на Советот за соработка на високо ниво меѓу двете земји, јавува „Анадолу Агенција“.
„Би сакал во блиска иднина да го посетам Скопје на првиот состанок на Советот“, рече турскиот претседател.
Тој истакна дека чекорите што може да се преземат за унапредување на трговските и економските односи биле една од главните теми на денешната средба, додавајќи дека турските фирми имаат инвестиции вредни околу 2 милијарди долари во Северна Македонија, во многу сектори, како што се банкарството, здравството, образованието и обновливите извори на енергија.
Тој најави дека детално биле разгледани и односите на воено поле и заедничките проекти во одбранбената индустрија.
„Со Северна Македонија, сојузник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои заедно придонесуваат директно за мирот и стабилноста на Балканот“, додаде Ердоган.
Премиерот Мицкоски, како што информираат од прес-службата на Владата на РМВ, на средбата истакнал дека Турција е еден од нашите најважни економски партнери, но и незаменлива сила со големо влијание во регионот, а наша заедничка заложба е зголемување на турските инвестиции во Македонија и создавање нови можности за компаниите од земјата на турскиот пазар.
„Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат со нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна, неодамна и како што најавивме, имаме соработка во областа на енергетиката со важна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодни и гасни мрежи во вредност до една милијарда долари“, се вели во соопштението.
Пред прес-конференцијата, двајцата лидери потпишаа заедничка политичка декларација за формирање на Совет за соработка на високо ниво меѓу двете земји.